
Јапонските јаболка се богати со бета каротен, калциум, железо и антиоксиданси. Покрај тоа што може да се јадат свежи и како додаток на утринските мусли и каши, погодни се за готвење, како и за солени комбинации. Издвојуваме 5 рецепти:

Леб од јапонски јаболка / 90 мин.
Состојки:
- 1 и пол шолја сенаменско брашно
- Половина лажичка сол
- 1 и пол лажичка прашок за пециво
- 1 лажичка цимет
- Малку рендано морско оревче
- Мелено каранфилче
- 2 јајца
- Половина шолја путер
- 3 лажици шеќер
- 1 шолја испасирани / блендирани јапонски јаболка
Подготовка:
Рерната се загрева на 170 степени. Се зема тава за печење и се мачка со малку путер.
Во длабок сад се мешаат сувите состојки (брашно, сол, прашок за пециво, цимет, морско оревче, каранфилче).
Во друг сад полека и со постепено додавање се матат јајцата, путерот и шеќерот со миксер. Во смесата се додава јапонското јаболко и се меша.
Со лажица постепено влажната смеса се додава кон сувата смеса и се меша додека не се добие хомогена смеса.
Смесата се префрла во тавата за печење и се пече 45-60 мин.
Лебот може да се декорира со семиња или чоколадни парчиња.
Кростини со јапонски јаболка / 15 мин.
Состојки:
- 2 јапонски јаболка исецкани на кругови
- 1 круша, исецкана на кругови
- Свеж босилек
- Парчиња козјо сирење / моцарела / пармезан
- Багет леб, исецкан на кругови
- Сол, бибер
- Балсамико крем
Подготовка:
Парчињата леб кратко се печат на тостер додека да заруменат. На секое парче леб се реди едно парче круша, јапонско јаболко, свеж лист од босилек и парче сирење. Одозгора се попрскува со малку балсамико крем, сол и бибер.

Џем од јапонски јаболка / 60 мин.
Состојки за ~ 1кг џем:
- 15 излупени зрели јапонски јаболка
- 1 и пол шолја шеќер
- Сок од 1 и пол лимон
Подготовка:
Јапонските јаболка, излупени и без семки се блендираат, додека да се добие пире. Пирето се вари 15 минути на средна температура заедно со шеќерот, со повремено мешање. Потоа, се додава сокот од лимон и се вари на ниска температура околу 15 минути. Се меша повремено додека не се добие посакуваната густина.
Џемот се лади на собна температура. Се префрла во стерилизирани тегли и се чува во фрижидер. По отворање, се конзумира во рок од 7-10 дена.
Зимска табуле салата со јапонски јаболка / 20 мин.
Состојки:
- ¼ шолја варена пченица или булгур
- 1 „чоколадно“ јапонско јаболко
- 1 мала калинка
- 1 китка свеж магдонос
- 1 мала главица кромид, исецкана
- 2-3 лажици сок од лимон или оцет од јапонско јаболко
- 2 лажици масло
- 3 лажици сусам
- Сол и бибер
Подготовка:
Јапонското јаболко се сецка на парчиња, калинката се чисти, а магдоносот се сецка многу ситно. Во длабок сад се мешаат сите состојки, се зачинува салатата. Се остава да отстои малку во фрижидер за да се соединат вкусовите и се сервира.

Мафини со јапонски јаболка / 25 мин.
Состојки:
- 250 гр. Сенаменско брашно
- 2 лажици прашок за пециво
- 1 лажица цимет
- 1 лажица ѓумбир во прав
- 100 гр. Шеќер
- Пире од 3 блендирани јапонски јаболка
- 2 јајца
- 120 гр. стопен путер
Подготовка:
Рерната се загрева на 200 степени и се зема калап за мафини. Доколку немате калап, искористете обична тава за печење.
Во длабок сад се мешаат брашното, прашокот за пециво, циметот, ѓумбирот и шеќерот.
Се матат јајцата и пирето од јапонски јаболка, а потоа се додава стопениот путер и се меша додека да се соедини смесата.
Влажната смеса се додава постепено кон сувата и се меша додека да се добие една хомогена смеса. Се префрла во калапот за мафини и се пече 15 минути додека да зарумени.