
Кивито е овошје кое оригинално потекнува од Кина, но денес е распространето насекаде низ светот. Постојат над 60 видови кои се разликуваат по својата форма и боја, но зеленото киви со влакнеста лушпа кое ни е најпознато припаѓа на сортата Хејворд. Органското киви кај нас најмногу се произведува во Струмичкиот предел, каде што одлично успева. Погледнете сезонско органско киви од нашата понуда тука.
Во текот на зимата драматично се намалува бројот на сезонски локални овошја, а со тоа и внесот на витамини. За среќа, кивито е овошје чија сезона е токму зимата: неговата берба се одвива кон крајот на октомври и почетокот на ноември, а потоа се чува во соодветни ладилници.
Кивито е вистинска витаминска бомба со ниска калорична вредност, а тоа го потврдуваат следните факти:
- Кивито содржи три пати повеќе витамин Ц од портокалот: доволно да изедете само еден плод дневно за да ја задоволите вашата дневна потреба за овој витамин!
- Богато е со витамин К, кој е важен за здравјето на коските и превенција од остеопороза: четири плодови ја задоволуваат дневната потреба
- Се препорачува за трудници, бидејќи содржи фолна киселина која е важна за мозочниот и когнитивниот развој на децата
- Содржи антиоксиданси (флавоноиди и каротеноиди) кои ја заштитуваат нашата ДНК
- Се препорачува за диети и дијабетичари, бидејќи за разлика од другите овошја, содржи ниско ниво на шеќер, а голема количина на растителни влакна
- Игра значајна улога за превенција од кардиоваскуларни болести и згрутчувања на крвта, бидејќи ги чисти крвните садови од триглицеридите (масти) кои се таложат и ги стеснуваат садовите

Од нашето искуство, многумина имаат отпор кон ова овошје поради времето потребно за негово лупење. Но, постои едноставен трик: само пресечете го на половина и двата дела изедете ги со лажица! Најчесто се конзумира свежо, но погодно е за замрзнување. Одвојуваме 5 идеи како може да го конзумирате:
Зелено смути / 5 мин
- 1 рака блитва или спанаќ
- 2 киви
- 1 јаболко
- 10 бадеми
- Непечени семки од тиква
- 1 лажица маџун
Подготовка: се мешаат сите состојки во блендер додека не се добие конзистентна смеса.
Овошна каша со киви / 15 мин
- 2 сецкани средни киви плодови
- 1 рака свежи или замрзнати јагоди
- 1 рака свежи или замрзнати боровинки
- ½ шолја овесни снегулки
- 1 шолја вода / бадемово млеко
- 1 лажица мед или маџун за засладување
Подготовка: Овесните снегулки се варат во водата / млекото на ниска температура. Кога смесата ќе се згусне, се додаваат овошјата, засладувачот и зачини по избор.

Салата од спанаќ и киви / 10 мин
- 150 гр. листови спанаќ
- 1 големо киви
- 1 рака ореви
- 1 рака сушена брусница
- 1 сецкано или рендано јаболко
- фета сирење по желба
- јаболков оцет
- масло
Подготовка: Спанаќот добро се мие, а кивито се сецка на парчиња. Сите состојки се мешаат во длабок сад и се зачинуваат благо со јаболков оцет и масло. За веганска варијанта, наместо фета сирење може да додадете рендан морков.
Џем од киви / 30 мин
- 25 парчиња киви
- ¼ сок од лимон
- 3 шолји шеќер
(шеќерот може да се замени со стевиа или маџун)
Подготовка: Кивито се сецка на парчиња и се пасира. Се става во тенџере со лимоновиот сок и шеќерот, по што смесата треба да зоврие. Потоа, се готви на средна температура со повремено мешање. Потребни се 10-15 минути да добие конзистентност на џем. Смесата се складира во тегли.
Сладолед од киви / 15 мин
- 10 излупени парчиња киви / замрзнати
- 4 лажици мед
- сок од 1 лимон
Подготовка: Се мешаат сите состојки во блендер додека да се добие компактна смеса. Се става во плиток сад во фрижидер да се замрзне. Потоа, сладоледот е подготвен за сервирање.
*Доколку сакате сладолед на стапче, истата смеса изблендајте ја со малку вода и потоа нанесете ја во модли за сладолед, по што треба добро да се замрзне.

Добар апетит! 🙂