Митот за бесконечен економски раст е дополнително скршен со глобалната криза предизвикана од вирусот Ковид-19, предизвикувајќи ја најдлабоката рецесија од Втората светска војна наваму. Со тоа, се компромитираа многу индустрии (туризмот, угостителството, енергетскиот сектор итн.), се зголемија државните долгови и уште поостро се зголеми јазот меѓу богатите и сиромашните. Нивото на невработеност нагло се зголеми по затворањето на малите бизниси за кои кризата премногу чинеше, оставајќи ги само „големите играчи“ во игра. Сето тоа предизвика и криза во досегашниот систем на прехрана, туркајќи уште 130 милиони луѓе во рацете на гладот.
Кризата во системот на производство и дистрибуција на храната не настана поради Ковид кризата, туку таа само повеќе ја нагласи неговата нефункционалност. Тоа може да го воочиме преку следните факти:
- Моментално, човештвото произведува најмногу храна од кога и да било во историјата. А сепак, од една страна, се соочуваме со случаи на прекумерена тежина и фрлање на вишоци храна, додека, од друга страна, околу 690 милиони луѓе во светот се хронично гладни.
- Малите производители се приморани да го дадат плодот на својата макотрпна работа за цена која често оди под нивниот трошок за производство, што е резултат на диктатот на цената и монополот на пазарот поставен од страна на големите корпорации.
- Конвенционалниот систем на производство на храна кој подразбира индустриско одгледување на монокултури на големи земјени површини од страна на неколку транснационални корпорации, сечење на шумите и осиромашување на почвата, неизбежно влијае на климатските промени, а со тоа, уништување на биодиверзиетот и неодговорно црпење на природните ресурси, кои не се неограничени.
- Секоја година се зголемува еколошкиот долг (кој се пресметува преку споредување на потрошувачката на природните ресурси за една година во однос на капацитетот на Земјата да ги обнови за тоа време)
Со еден збор, земјоделските практики кои не ѝ возвраќаат на природата за сето она што таа ни го нуди, не можат да бидат одржливи.
Затоа, една од нашите клучни вредности е токму суверенитетот на храната, под кој се подразбира систем на прехрана во кој луѓето кои ја произведуваат, дистрибуираат и конзумираат храната, ги контролираат и механизмите и политиките на нејзиното производство и дистрибуција, наместо големите корпорации кои воспоставуваат монопол врз светскиот систем на прехрана. Во центарот на овој модел е правото на секој човек на пристап до здрава храна произведена на еколошки начин, без разлика на неговата финансиска моќ и социјална положба.
Оваа година се навршуваат 10 години од формирање на Европското движење за Суверенитет на храната, кое се случи во Австрија во 2011 година врз основа на декларацијата на Ниелени од 2007 година која во целост може да ја преземете тука.
Меѓународното движење за Суверенитетот на храната се темели на шест основни принципи:
1. Храна за луѓето: право на храна која е здрава и културно соодветна, проследено со политики кои поддржуваат диверзитет на производство на храна во секој регион. Накратко, храната не е само уште еден производ наменет за профит.
2. Вреднување на производителите: Многумина мали производители се соочуваат со насилство, маргинализација и дискриминација од локалните власти преку неправедни цени, експлоатација и кршење на работничките права, одземање на земјата за профитабилни бизниси како отворање рудници, скратување на неопходни ресурси. Суверенитетот на прехрана го гарантира правото на производителите за достоинствени живот и работа.
3. Локален систем на прехрана: Храната е основно средство за издржување на заедницата, а на второ место доаѓа нејзината улога како предмет за трговија. Преку воспоставување Суверенитет на прехрана, локалните заедници се снабдуваат со локална храна и се одбива концептот на земјоделство кое е примарно насочено кон извоз, со што земјите во развој го заштитуваат своето земјоделство.
4. Локална контрола: Суверенитетот на прехрана гарантира контрола врз локалната земја, вода, ресурси, семиња, биодиверзитет и ги почитува правата на локалните производители. Ресурсите, во овој контекст се споделени и се користат одговорно, додека приватизацијата на природните ресурси комплетно се одбива.
5. Градење знаење и вештини: Технологијата, како генетско модифицирање, која оневозможува пренесување на знаења и вештини во процесот на одгледување локална храна комплетно се отфрла, додека се преферира систем кој го поддржува развојот на земјоделството знаење и вештини.
6. Реципроцитет со природата: Усвојување на практики кои ги заштитуваат природните ресурси, ги одбегнуваат индустриските методи кои ја исцрпуваат енергијата, ја уништуваат природата, како и здравјето на нејзините жители.
Како Добра Земја ги применува овие принципи во својата работа?
- преку сигурен откуп и фер цена за секој производител
- преку понуда на сертифицирана органска храна и тестирана еколошка храна која е произведена на одржлив начин, без употреба на хемикалии кои ги ја загадуваат животната средина и го штити биодиверзитетот
- преку продажба на исклучиво сезонска и локална храна, со што се намалува загадувањето при транспорт и се поддржува локалната економија
- преку директен контакт со секој производител и заемна помош при неволја
- преку моделот на задруга на потрошувачи и моделот на членство, кој овозможува директен и транспарентен увид за потеклото на храната, како и интервенција во локалните политики
- преку некористење пластика и реупотреба на амбалажа